Фини Дестинации
Топ 20 места кои треба да ги посетите кога сте во ЛАРНАКА
By
Пишува: Fino.mk
Ларнака е преубав град сместен на југоисточниот брег на Кипар. Трет е по големина на островот на Афродита. Истовремено има обележја на модерен и мирен космополитски град. Ова се наши препораки за да можете квалитетно да го поминете вашето време во Ларнака и околината.
Шеталиштето Финикудес
Ова е најпознатиот дел од градот и омилен меѓу туристите. Шеталиштето Финикудес (Finikoudes) започнува кај пристаништето, а завршува со средновековната тврдина. Посебен шарм му даваат редот на палми кои се протегаат долж целата авенија Athenon. Од едната страна на шеталиштето се наоѓа истоимената песочна плажа, додека пак другата страна изобилува со кафулиња, барови, ресторани, клубови, хотели, продавници за сувенири… Благодарение на многубројните содржини, шеталиштето Финикудес е идеално место како за дневни прошетки, така и за вечерни забави.
На самото шеталиште, спроти Gloria Jean’s Coffees се наоѓа меѓуградската автобуска станица, како и станицата за некои од локалните автобуси, меѓу кои е и линијата 425 (кон/од аеродромот).
Пристаништето Ларнака
Ова е второто најголемо пристаниште на Кипар. Изградено е во 1973 година, а неговата главна предност е тоа што се наоѓа во непосредна близина на меѓународниот аеродром. Најчесто се користи за увоз и извоз. Има капацитет да прими 450 јахти од различни големини, а трошоците за укотвување се разликуваат во зависност од времето на престој и должината на пловилото. Оддалечена е 110 наутички милји од Либан и Сирија, 145 н.м. од Израел, 230 н.м. од Египет и 250 н.м. од Грција.
Плоштад Европа
Плоштадот Европа (Europa Square) се наоѓа на самиот почеток на популарното шеталиште Финикудес (авенија Athenon). Познат е по низата колонијални куќи од 18-тиот век. Во нив се лоцирани Галеријата на уметноста (Municipal Art Gallery), историскиот архив (Municipal Historical Archives) и Музејот во Ларнака.
Централниот дел од плоштадот Европа е всушност фонтана, која е изградена од скулптурата на Т. Папајанис, која се вика Галеби во лет. Фонтаната е составен дел од плоштадот од 1996 година. Околу се поставени модерни клупи во апстрактна форма од брод.
На плоштадот Европа за време на Божиќните и новогодишните празници се поставени изобилство од елки и Дедо Мразовци, како и илјадници новогодишни светилки кои создаваат вистинска празнична атмосфера особено во вечерните часови.
Тврдина
Тврдината во Ларнака (Larnaca Castle) е изградена во 14-тиот век, иако според некои податоци нејзиното постоење датира од 1625 година, кога Турците ја подигнале за одбрана на градот од пирати. Лоцирана е на самиот крај на шеталиштето Финикудес, пред влезот во улицата Piale Pasa. Во текот на летните месеци дворот во тврдината се трансформира во театар.
Средновековната тврдина во Ларнака е една од најмалите на островот, но без оглед на тоа ги чува своите артефакти и загарантирано ќе ви овозможи фасцинантна тура низ минатото. Сите љубители на историјата дефинитивно би требало да го посетат овој камен-темелник на кипарското наследство.
Влезот во тврдината се плаќа 2,50 €, и исто така е затворена за државни празници.
Работно време:
16 Септември – 15 Април
Работни денови: 08:00 – 17:00
Сабота и недела: 09:30 – 17:00
16 Април – 15 Септември
Работни денови: 08:00 – 19:30
Сабота и Недела: 09:30 – 17:00
Црква Свети Лазар
Црквата на Свети Лазар (Church of Saint Lazarus) е најпознатата градба во Ларнака и еден од најзначајните византиски споменици на Кипар. Изградена е на гробот на Свети Лазар во 9-тиот век. Неговиот гроб е пронајден во 890 година, а на истиот било напишано: Лазар, Пријател на Христос. Покрај феноменалната надворешна архитектура, оваа православна грчка црква има и величенствена внатрешност – импозантен златен иконостас и неверојатен рачно резбан дрвен мебел.
Црквата е реновирана во 17 век од страна на византијскиот цар Леон VI. Иако трите куполи и оригиналната камбанарија на црквата биле уништени во првите години од владеењето на Османлиите, златниот иконостас останал недопрен и претставува извонреден примерок на барокното резбарење.
Црквата се наоѓа во центарот на градот, на главниот плоштад (Plateia Agiou Lazarou), на околу 200 метри од брегот и средновековната тврдина. Покрај самата црква се наоѓа Византијскиот Музеј, во кој се изложени важни верски икони, артефакти и реликвии.
Работно време:
01 Март – 31 Октомври
Работни денови и Сабота: 08:00 – 18:30
Недела: 06:30 – 12:30 / 15:30 – 18:30
01 Ноември – 29 Февруари
Работни денови и Сабота: 08:00 – 12:30 / 14:30 – 17:30
Недела: 06:30 – 12:30 / 15:30 – 17:30
Влезот е бесплатен, а црквата е затворена на ден Божик, Велигден и првиот ден од Новата Година.
Населбата Лаики Гитоња (Laiki Gitonja)
Лаики Гитоња (Laiki Geitonia) е традиционална градска населба во која се наоѓаат кафулиња, барови и пабови, како и работилници со традиционални занимања. Лоцирана е во центарот на Ларнака помеѓу црквата Свети Лазар и брегот на морето.
Винскиот подрум The Oak Tree
Винскиот подрум и просторија за дегустација The Oak Tree нуди импресивна селекција на најквалитетни вина од Грција, Кипар, Франција, Италија, Јужна Африка, Аргентина, Австралија, Чиле, Шпанија, Мексико, Португалија…
The Oak Tree се состои од вински подрум (кој воедно е и продавница) и бар за дегустација, а феноменалната атмосфера додека уживате во пиењето на некое од вината со даска од вкусни сирења, сувомеснати производи и сезонско овошје, ќе ја надополни внимателно осмислениот амбиент. Подрумот и барот се изградени според водечките стандарди за чување и презентација на вино, а покрај секое шише се наоѓа опис на самото вино за да можете полесно да се одлучите.
Она што е заедничко за сите вина е фактот дека се произведени од релативно мали произведувачи од автохтони сорти на грозје од сопствени лозови насади. Тоа во голем дел влијае на автентичноста на самите вина кои Ви се на располагање во различни ценовни рангови.
Иако се работи за вински подрум и бар за дегустација на вино, The Oak Tree на страната на TripAdvisor се наоѓа на прво место во категоријата – Ресторани во Ларнака, дури 99% од посетителите го оцениле ова место со најголемата оценка, а тоа многу говори.
Улицата Piale Pasa
Улицата Piale Pasa е идеална локација за уживање во кипарската храна во некој од традиционалните и модерните ресторани. Уживајте во прошетката покрај Медитеранското Mоре, опкружени со средновековнаta тврдина од едната страна, и плажата Мекензи од другата страна. Пред неколку години овој брег е трансформиран во улица – покрај самото море, со живописна и модерно дизајнирана пешачка патека. Улицата е продолжение на шеталиштето Финикудес (авенијата Athenon), а и претходи на позната плажа Мекензи (Mackenzie). Се состои од улица за возила, како и специјализирана стаза за пешаци и велосипеди.
Солено Езеро
Познатото Солено Езеро (Salt Lake, локално познато како Aliki) се наоѓа во непосредна близина од меѓународниот аеродром во Ларнака. Второ е по големина од овој тип на Кипар. Се протега на површина од 2,2 км2, се состои од мрежа од четири солени езера, а 1997 година е прогласено за заштитено подрачје. Соленото Езеро е едно од најважните биотопи и живеалишта на водни птици во Европа. Во текот на летото езерото е исушено со траги од сол, додека пак во зима се полни со вода и станува место на кое се собираат илјадници розови фламингоси и повеќе од 85 видови на водни птици (од ноември до март). Природата околу езерото е идеална за прошетка и трчање, зајдисонцата во текот на зимата се магични. Пешачката стаза води до џамијата Султан Теке.
До езерото и џамијата најлесно може да се стигне со сопствен превоз или пеш, а доколку се одлучите за јавен превоз, од главната автобуска станица сообраќаат линиите 425 и 419.
Џамија Султан Теке
Џамијата Султан Теке (Hala Sultan Tekke или Mosque of Umm Haram) се смета за четврто најголемо муслиманско светилиште во светот. Изградена е на брегот на Соленото Езеро, на околу 5км југозападно од градот (во правец на аеродромот). На местото на кое се наоѓа џамијата во 648 година животот го загубила тетката на Мухамед, Ум Харам, за време на освојувањето на Ларнака од страна на Арапите. Ова е едно од ретките муслимански свети локалитети кое е изградено во чест на некоја жена.
Влезот е бесплатен, а џамијата е затворена на ден Божиќ, Велигден и првиот ден од Новата Година.
Плажа Мекензи
Плажата Мекензи (Mckenzie) е една од најпопуларните во Ларнака. Сместена е помеѓу улицата Piala Pase и меѓународниот аеродром. Плажата е песочна, долга околу 1км, а додека се капете, испијте некој коктел или играјте одбојка на песок, а можете да уживате и во глетката на слетување на авиони.
Поради изобилството на кафулиња и ресторани на самиот брег, претставува главна локација за забава на младите. Во текот на денот е рај за оние кои сакаат за пливаат, а во вечерните часови одличен избор за љубителите на ноќни забави. Оваа плажа во декември и февруари не е ни полу-жива, колку што е во текот на летото, но сепак оддава некој посебен шарм и е одличен избор за релаксација.
Плажата Мекензи е носител на Плаво Знаменце (меѓународно признаен стандард за квалитет, а на годишно ниво се доделува на плажи и пристаништа кои ги исполнуваат најстрогите меѓународни критериуми).
Бродолом Зенобија (Zenobia Wreck)
Бродоломот Зенобија (Zenobia Wreck) во Ларнака е една од десетте најдобри дестинации за рекреативно нуркање во светот. Шведскиот траект Зенобија потонал на своето прво патување на Кипар во јуни 1980 година, целосно натоварен со 104 приколки и камиони, на само 1,5км од рибарското пристаниште во Ларнака. Како причина се наведува неисправност на техничкиот компјутерски систем на пумпите.
Познат под псевонимот Титаник на Медитеранот, со височина од 165м, бил натоварен со голем број работи кога потонал, меѓу кои автомобили, војна опрема, игри, храна и телекомуникациски системи.
Зенобија денес е заштитен вештачки гребен, а исто така е и дом на голем број на различни врсти риби. Доколку не сте нуркач, а сакате да го видите бродоломот од горе, можете да искористите некој од излетите кои се на широката понуда на бродовите со стаклено дно кои тргнуваат од пристаништето во Ларнака.
Музеј Пиеридес (Pierides)
Музејот Пиеридес е најстариот приватен музеј на Кипар. Основан е од страна на фондацијата Пиеридес во 1815 година и е сместен во семејната куќа.
Изграден во колонијален стил, опфаќа некои од најрепрезентативните предмети на островската цивилизација. Го прикажува економскиот, социјалниот и културниот развој на Кипар за период од илјада години.
Предметите во музејот Пиеридес датираат од 4000 години п.н.е., па дури до 15-тиот век и сведочат за вековната цивилизација која се развивала на Кипар. Најценети предмети во музејот се црвените сјајни предмети од раното бронзено доба, римското стакло и средновековните керамички садови. Во дворот може да се види ексклузивна колекција на грчки и кипарски скулптури.
Влезот во тврдината се плаќа 3 € (возрасни), 1 € (студенти) или 2 € по лице (за 20+ група), а е затворен за државни празници.
Работно време:
Понеделник – Четврток: 09:00 – 16:00
Петок и Сабота: 09:00 – 13:00
Недела: затворен
Аквадукт Камарес (Kamares Aqueduct)
Аквадуктот Камарес (Bekir Pasha Aqueduct) е прекрасен аквадикт од 18 век, изграден на излезот од Ларнака, на самиот пат кон Лимасол. Камарес во превод од грчки јазик значи лакови, по кои е и препознатлив. Аквадуктот во 1746 година е изграден во класичен римски стил од страна на турскиот гувернер на Ларнака, Бекир Паша, кој изградбата ја финансирал со сопствени средства, со цел да се реши проблемот за снабдување на Ларнака со свежа вода.
Аквадуктот бил напуштен во 1939 година бидејќи неговата функција била заменета со употребата на модерни цевки, но 20-те лакови останале недопрени. Во вечерните часови се осветлени и го одземаат здивот. Тука се направени клупи и пешачка стаза кои овозможуваат целосно уживање. Стазата го поврзува Аквадуктот со Соленото езеро.
Паркот на камилите
Паркот на камили (Camel Park) е идеално место за семејна забава и за љубителите на животни. Лоциран е во малото место Мазотос, точно помеѓу Ларнака, Лимасол и Никозија. Од Ларнака е оддалечен околу 20км, а автобуска линија која води до него е бројот 407 (тргнува од главната локална автобуска станица). За време на работните денови оваа линија сообраќа 5 пати дневно, а за време на викендите 3 пати.
Паркот е отворен во 1998 година. Во минатото камилите на Кипар се користеле за превоз, а денес овие прекрасни животни можат да се сретнат само во рамките на паркот. Паркот на камили е идеално место за јавање на камили, а во него исто така се наоѓаат и игралиште за деца, ресторан и базен.
Влезницата во паркот чини 4 € за возрасни (3 € за деца), а доколку сакате и да јавате камила тогаш картата ќе Ве чини 10 € (7 € за деца).
Работно време:
Април – Октомври: 09:00 – 19:00
Ноември – Март: 09:00 – 17:00
Доколку после посетата на паркот сакате да се упатите кон некоја од блиските плажи, најблиску е Мазотос, која е оддалечена од паркот околу 1,3км (15-20 минути пешачење). Дека сте стигнале на вистинската дестинација ќе препознаете по ресторанот Akroyiali кој е отворен во текот на целата година, а во кој ќе Ве пречекаат љубезното локално население. А плажата… оаза на мир и тишина која треба да се доживее.
Фармата на златни магариња (Golden Donkeys Farm)
Фармата на златни магариња (Golden Donkeys Farm) се наоѓа во селото Скариноу (Skarinou) на половина пат помеѓу Ларнака и Лимасол. Брои околу 200 машки и женски магариња (поголемиот дел се женски поради производството на млеко). Покрај тоа, постои и музеј на кипарската народна култура, музеј на восок, традиционална кипарска куќа, мала ботаничка градина, амфитеатар, црква на Пресвета Богородица, древна цедалка за маслинки, ресторан и продавница за сувенири.
Продавницата за сувенири продава ретки деликатеси, како што се чоколади, ликери, сапуни и органско млеко направено од млеко од магаре.
Фармата на златни магариња е најголема на Кипар и една од поголемите во Европа, а посебен шарм и даваат пријателската и мирна атмосфера. Фармата во текот на целата година е отворена за индивидуални и групни тури. На посетителите им е дозволено да ги хранат и јаваат магарињата.
Работно време:
Април – Октомври: 10:00 – 18:00
Ноември – Март: 10:00 – 17:00
Манастир Ставровуни (Stavrovouni Monastery)
Манастирот Ставровуни (Stavrovouni Monastery) е најстариот манастир на Кипар и еден од најстарите во светот. Се наоѓа на врвот на планината Ставровуни (околу 40км од Ларнака), на надморска височина од 750м. Овој грчки православен манастир во 4-тиот век го основала Света Јелена, мајката на царот Константин I Велики. Тој денес веќе не е достапен за жени, а правилата се исти како и оние на планината Атос во Грција. Наспроти сето тоа, манастирот Агиа Варвара во подножјето на планината Ставровуни е достапен за сите посетители, а монасите тука се познати по своите иконографски вештини. Легендата вели дека во овој манастир се наоѓа еден од деловите од Пречесниот Крст.
Работно време:
Септември – Март: 07:00 – 11:00/ 14:00 – 17:00
Април – Август: 07:00 – 12:00/ 15:00 – 19:00
Манастирот е затворен завреме на државни празници.
Езеро Ороклини
Езерото Ороклини е едно од 7-те природни мочуришта на Кипар. Се наоѓа во истоименото село, 8км северно од центарот на Ларнака, на патот за Аја Напа. Ороклини е подрачје кое е заштитено од Натура 2000 благодарение на биодиверзитетот на езерото.
Живеалиште е на бројни птици (преку 190 врсти од кои околу 30 се одгледуваат овде) и дивеч, и како такво има големо значење како на локално така и на паневропско ниво. Претставува место за запирање на редовните миграциони посетители, како што се розовите фламингоси, а интересно е и тоа што на езерото слетуваат и пеликани кои се задржуваат најмногу неколку дена.
Парк на скулптури Петреон
Паркот на скулптури Петреон се наоѓа во крајбрежното село Мазотос, на околу 22км од Ларнака (на патот кон Зиги). Името на паркот потекнува од грчкиот збор Петра (камен) и претставува кулминација на животот на уметникот Савас Кулендрос.
Паркот се состои од постојана изложба на скулптури на отворено – со парчиња камен со различна големина, амфитеатарот Лиасидион, Архонтарики – каде се одржуваат разни изложби, и мала камена црква. Савас својата инспирација ја наоѓал во личните искуства, секојдневниот живот, мудроста на предците и митологијата и историјата на Кипар. Осум и пол метри високата скулптура на Петреос – човекот кој бил роден од камен, доминира во целиот парк, додека самите градини се живописни со разни видови кактуси и други цветни растенија.
Влезницата во овој приватен парк за скулптури чини 2,50 € (возрасни), 1,50 € (деца) или 2 € по лице (за организирани групи) и е затворен за време на државните празници.
Работно време:
09:00 – 13:00 / 14:00 – до зајдисонце
Во петок паркот е затворен.
Села од пределот на Ларнака
Далеку од прометните туристички области, Ларнака е богата со традиционални села со тесни улици, цркви, манастири и нереални видиковци. Селата изобилуваат со историски, природни и културни ресурси. Во такво опкружување можете да ги искусите и почувствувате традициите на руралното население: едноставни ритми на руралниот живот, народни обичаи, дневни активности и автентични вкусови на локална кујна. Сето ова надополнето со искрено гостопримство.
Села од регионот на Ларнака кои ви ги препорачуваме се: Пано Лефкара, Като Лефкара, Като Драјос, Тошни, Скариноу, Ваватсинија, Вавла, Калавасос, Зиги.
Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login