Фини Дестинации
Шик места кои морате да ги посетите во РИМ
By
Пишува: Fino.mk
Посетата на нов град е секогаш неверојатно возбудлива. Со помош од пријател, онлајн водич, инсајдерски информации од локалното население или некој познаник кој веќе го посетил местото на кое вие планирате да отпатувате, можете да откриете многу важни информации, а притоа да не изгубите драгоцено време кога ќе стигнете на одредиштето.
Благодарение на ваквите информации и препораки ќе дознаете за некои нови места иако Рим можеби веќе сте го посетиле. Ќе откриете кои се тие фенси кафулиња, одлично снабдени салумерии, на кои места се јаде најдобрата храна и во кои продавници се продаваат предмети со авангарден дизајн.
Во принцип, би требало да се има на ум дека секое патување кое сакате да остане запаетено мора да вклучува добар хотел во кој ќе престојувате, на пример хотел кој е препознатлив по својата архитектура или ентериер или пак амбиент кој ќе направи да се чувствувате како дома, и секако дегустација на локалната храна. Исто така многу важно е и вашиот хотел да биде сместен во некој возбудлив дел од градот кој не е многу оддалечен од најатрактивните туристички локации.
Рим е град како ниту еден друг во светот. Кога ова го кажуваме, не мислиме на историјата стара илјадници години, туку замислете си само каде на друго место би можеле да шетате низ градот како да сте во некој отворен музеј; додека во устата ви се топи gelato од тоскански орев; пиењето на најдоброто кафе во светот – е тоа е вистински ритуал; пазарењето во продавниците на најценетите италијански дизајнери… а денот да го завршите со вкусен оброк во некоја волшебна траторија со чаша точено пиво и превкусна porchetta.
Сите патишта, навистина водат кон Рим.
Ова, всушност не е водич за тоа кои историски места морате да ги посетите во Рим. Веќе е добро познато дека треба да се посетат Колосеумот, Шпанските скали, Фонтана Ди Треви, базиликата Св. Петар, Ватикан, да се стави раката во Устата на вистината (доколку смеете), посета на плоштадот Navona, плоштадот Popoli…
Областа околу Шпанскиот плоштад (Piazza di Spagna) и Via Vittorio Veneto, со децении биле централно место за филмските ѕвезди и високата класа. Сè што било од посебна важност, овде било сконцентрирано, шопинг во Via Condotti, вечера во непосредна близина на некој познат режисер во Caffé Doney или пиење мартини во барот Hassler кој се наоѓа на врвот на Шпанските скали.
Ова се само мали совети за тоа како Рим да го доживеете како локалец, а не како турист.Сценографијата и пејзажите и денес се исти, но овде дефинитивно нема да ги видите Ернест Хемингвеј ниту Марчело Мастројани.
Новиот вид забава и возбуда во Рим е преместена на плоштадот Piazza del Popolo (Народниот плоштад), голем плоштад препознатлив по античкиот египетски обелиск, со две идентични цркви од XVII век, Santa Maria in Montesanto и Santa Maria dei Miracoli.
На спротивната страна се наоѓа старата римска капија или вратата Flamini која била дел од таканаречените Аурелијеви ѕидови, кои биле изградени за време на владеењето на императорот Марк Аурелиј. Оваа врата се наоѓала на северната страна (улица Flamini) и била првото нешто што патниците кои доаѓале од северните делови на Италија го гледале пред да влезат во градот. Покрај вратата се наоѓа базиликата Santa Maria del Popolo, најстарата црква на плоштадот која е изградена на гробот на императорот Нерон по наредба на Папата Паскал II во XI век.
Денес во Рим се наоѓа новиот вкус на dolce vita. Волшебствата на Рим, покрај споменатите места ќе ги откриете доколку задолжително ги посетите и овие места.
FRATELLI CIAVATTA
Во оваа продавница се продаваат надалеку познатите италијански сирења, салами, домашни панини, најдобрите колбаси од регионот Monte San Biagio, како и највкусното сирење моцарела од провинцијата Caserta.
LA CASA DEL MARRION GLACÉ
Доколку сакате слатки, Рим е вистински гурмански рај за вас. Но, токму тука ќе ги пробате најдобрите кандирани костени, највкусните чоколади или полнето овошје. Ова е совршено место за купување слатки за да ги подарите некому по вашето враќање.
20MQ DESIGN E DERIVATI
Ова е една необична продавница која под ист покрив крие дизајнерски предмети, кафетерија, продавница за осветлување и предмети за внатрешен ентериер.
MY ALE
My Ale е наш фаворит. Прекрасна продавница каде ќе го пробате највкусниот focaccia леб со рузмарин, добри пива, салами, свежо цедени сокови, домашни десерти.
ROSCIOLI
Roscioli е во сопственост на истото семејство веќе четири генерации. Првично била отворена во 1872 година како пекара, но има и ресторан отворен во 2002 година. Локалното население и туристите често го посетуваат ресторанот, многу од нив без сомнение нарачуваат Carbonara Roscioli, Pizza Rossi Roscioli… Доколку сакате вино, овде можете да изберете од дури 2.800 етикети.
CASTRONI
Ниту еден каубој не смее да го пропушти ова место. Castroni е продавница која постои од 1932 година и продава најмногу ароматични кафиња од целиот свет, вклучувајќи и италијански производи, вина, маслиново масло, домашни тестенини, сосови и други гурмански јадења.
LE LEVAIN
Не е на одмет малку Франција во Рим. Тоа се случува кога ќе прошетате до оваа апсолутно феноменална слаткарница. Овде, кроасаните се прават исклучиво со француски путер, а на менито има и еклери, за кои ќе ви биде жал да ги јадете поради тоа што изгледаат совршено добро, како и најсочното pain au chocolat.
CANTIERE GALLI DESIGN
За љубителите на дизајнот на ентериер, оваа продавница е место што мора да се види во Рим. Тука се наоѓа неверојатен спектар на украсни плочки, уникатен мебел, минималистички украсни предмети… Во рамки на просторот има книжарница, која е место за состаноци на многу архитекти и дизајнери.
THE RE(F)USE
Refuse е концепт продавница исклучиво за рециклирани производи, од облека, накит и торби, па сè до мебел и домашни додатоци. Одлична дестинација не само за еко-свесните луѓе, туку и за оние кои сакаат креативни и уметнички предмети.
GELATERIA DEL TEATRO
Целиот свет има сладолед. Но, Италијанците го измислиле gelato. Сладоледот во основа е крем кој се состои од млеко, шлаг, шеќер и жолчки од јајца. Gelato е италијански сладолед направен со млеко и шеќер, во комбинација со ароми. Gelato потекнува од италијанскиот збор “gelare”, што значи „замрзнат“. Обично се прави од полномасно млеко, а кремот понекогаш се додава за да се зголеми кремастата текстура. Со оглед на тоа што има помалку маснотии од вообичаените сладоледи, има лесен и свеж вкус. Во почетната фаза на подготовката, прилично потсетува на обичен сладолед, благодарение пред сè на неговата кремаста стрктура, но овој сладолед се меша побавно и се лади на малку повисока температура. Ова бавно мешање го одзема воздухот од овој десерт, па затоа gelato е погуст од обичниот сладолед.
Многумина велат дека Gelateria del Teatro го продава најдобриот gelato во Рим. Се разбира дека мора да се уверите во тоа. Опсегот на вкусови вклучува генијални ароми како што се пекорино со мед и смокви или црно чоколадо со чили пиперчиња. Купувачите преку стаклото можат да ја следат самата подготовка на овој најубав сладок десерт.
OSTERIA BONELLI
Во Италија нема да останете гладни, тоа е сигурно. Но сепак, постојат ресторани каде ќе треба да го резервирате своето место однапред. Таква е Osteria Bonelli. Овде се нудат традиционални италијански специјалитети по многу разумни цени, па затоа е и многу тешко да се најде место.
COROMANDEL
Ова место е добро за појадок или лесен brunch. Достапни се и оброци без глутен, како и оние наменети за вегетаријанци.
L’OLIMPO
За најдобра панорама на градот и божествениот поглед од Олимп, посетете го L’Olimpo на покривот на хотелот Bernini Bristol. Оттука е најубавиот поглед на Катедралата Св. Петар и исто така совршено место за престој додека сте во Рим.
Ова е само дел од вкусот и убавината на Рим. На вас е да го откриете и истражите останатото.

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login