Фини Дестинации
КРУШЕВО – највисокото гратче на Балканот
By
Пишува: Fino.mk
Крушево, со своите 1.350 м надморска височина е највисокото гратче на Балканот, а и меѓу повисоките во светот. Ова гратче наутро, измиено од сончевите зраци, блеска како капка вода. Од главниот град е оддалечено само 165 км или неполни два часа возење, а доколку појдовна точка ви е градот Прилеп, тогаш од ова прекрасно место сте оддалечени само 32 км.
Денешното Крушево, има модерен асфалтиран и широк пат, кој е за километар – два покус од дамнешниот турски пат, кој најпрвин бил земјен, а потоа во коцки, но тесен. На некои места и денес се гледаат трагите од кривулестите серпентини, за што останала легендата дека тие се создадени од градителот кој бил пазарен така што за секој изграден километар од патот, да добие товар злато. Алчен по златото, тој го направил патот и многу тесен и многу кривулест.
Уште кога ќе се искачат првите свијоци од последните километри пред градот, почнува пријатното чувство на изненадување што посетителот го очекува како тајна зад зелените или снежни врвови. При влезот од која и да е страна на градот постои некоја посебна убавина, во изгледот на градот, во неговата архитектура, изгрејсонцата, залезите во коријата, зелената нишка на градот, во една игра на перспектива, која уште почудесно се прекршува во кристално чистото планинско небо.
А кога ќе се поминат последните чекори од патот, градот се отвора и тогаш величенствено ќе се потврди чувството што се носи преку целиот пат. Крушево е местото каде секој може да си го пронајде својот мир, својот спокој, да се прочисти и духовно и емоционално. Градот кој од три страни е обиколен со букови и борови шуми, истовремено е единственото поголемо населено место каде што во голем дел е зачувана старата градска архитектура.
За создавањето на името на ова мало питорескно гратче, постојат две легенди: Едната легенда вели дека, некој бегалец кој се довлекол до ова место со последните сили, кога престанал да ја слуша потерата, прилегнал под првото дрво. Кога ги отворил очите, го здогледал Рајот на Земјата. Секаде околу него имало круши со гранки превиснати од плодови, и затоа местото го нарекол Крушево. Другата пак вели дека овчарите од разурнатите села Стар Дол, Трстеник, Селце и Бирино, немајќи каде да одат, направиле колиба покрај големата дива круша и затоа ова место го нарекле Крушево.
Овде куќите се архитектонска уметност, исклучително богатство за македонското културно наследство и сведок за едно поинакво време.
Во место како ова, каде никој никаде не брза, неминовно е да наминете кај некој крушевчанец и заедно да се напиете кафе, кое вообичаено го служат со надалеку познатиот локум или крушевските целуфки. Прошетката низ ова мало гратче може да започне, буквално, од било кое место. Обиколката низ сокаците, е едно неверојатно искуство. Тесни улички кои имаат толку многу душа. Прозорците на амфитеатрално поставените куќи од двете страни на градот и коријата околу него го мамат погледот на посетителот што се искачил на овие височини.
Архитектурата на крушевските куќи, значително и во многу елементи се разликува од таа во другите македонски градови. Тие куќи со својата местоположба и можностите, создаваат еден вид нова карактеристична архитектура. Фасади обоени со бело-сина или жолто-бела боја, со многу прозорци, издадени балкони, пространи чардаци, мусандри, поплочени тремови и тешки дрвени порти. Крушевските куќи се вистински архитектонски ремек‐дела. Речиси сите и ден денес ги носат семејните грбови на предната фасада, а внатрешноста е украсена со мебел и со украсни детали од дрво и од резба, како и насликани ѕидови, каде што доминира сината боја, комбинација на сеќавањата на старата татковина и на градителската и на зографската вештина на Мијаците.
Малку спорт, многу вкусна храна, некоја приказна и совет од некој мудар крушевчанец, многу традиција, песна и природа.
Идеално годишно време за посета нема. Крушевчани ќе кажат дека Крушево е идеално само по себе, па ако сакате снег и скијање тогаш посетете го во зима, а ако сакате ведри ноќи и пријатни летни денови посетете го кога најмалку ве очекуваат.
Не случајно во 1927 година Крушево го посетил славниот француски архитект Корбизје, кој се восхитувал од крушевската архитектура и истовремено бил и инспириран од крушевската куќа во своето натамошно творештво.
Крушево е град со богата историја, град со многу духовни места, место каде луѓето се обидуваат да воспостават баланс и мир во себе. А историјата вели: Во најстариот документ за попис кој датира од 1467/68 година е запишано дека Прилеп и 31 друго село му биле доделени на спахијата Хусеин Бег. Градот заживеал културно и економски дури со доаѓањето на Власите кон крајот на 18-иот век, кои се доселиле од околината на Корча и Мијаци од Мала Река, кои биле трговци, мајстори, резбари и зографи. Заедно со Власите во Крушево дошле и поголем број православни Албанци, кои во текот на историјата се повлашиле. Оттаму во градот, покрај македонскиот, официјален е и влашкиот јазик.
Од нив останала и убавата црква „Св. Никола“ изградена во 1832 година, која била запалена по Илинденското востание и тогаш изгорел најубавиот иконостас во длаборез, дело на Петре Филиповски – Гарката.’
За време на Илинденското востание во 1903 година, црквата како и голем дел од централниот дел на градот бил изгорен и разрушен. Црквата била возобновена во периодот од 1905 до 1907 година. Таа имала централна позиција и била ситуирана во чаршијата, така што со својата големина и монументалност доминира во просторот на градот. На јужната страна од црквата била изградена камбанарија на која бил поставен градскиот саат. Иконите во црквата ги изработил зографот Михаил со синовите Данаил и Никола, а иконостасот бил дело на познатите копаничари Петре Филиповски-Гарката и Димитар Станишев. Најстарите икони изложени во оваа црква датираат од 1884 година. Во сакралните објекти се наоѓаат грижливо чувани, некои ретко видени, некои никогаш невидени мајсторски совршени дела кои говорат за одреден историски и уметнички период од православната култура.
Спомен-куќата на Тоше Проевски – едноставно – единствна, и како емоција и како градба. Посветена на најголема македонска музичка икона Тоше Проески, се наоѓа на Гумење, а за посетителите е отворена од 25 април 2011 година. Музејската поставка на Спомен-куќата на Тоше Проески обезбедува еден хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера и истата е збогатена со 350 автентични експонати. Спомен-куќата на Тоше Проески се простира на површина од околу 870 м² и има форма на крст. Претставува еден грандиозен и уникатен проект со специфична намена и уште поспецифична причина за изградба. Претставува еден споменик на човек кој беше, е, и ќе остане морален светилник и водич на сите луѓе.
Посветена на најголема македонска музичка икона Тоше Проески, се наоѓа на Гумење, а за посетителите е отворена од 25 април 2011 година. Музејската поставка на Спомен-куќата на Тоше Проески обезбедува еден хронолошки приказ на неговото детство, на тинејџерските години, на периодот кога Тоше го достигна врвот во својата уметничка кариера и истата е збогатена со 350 автентични експонати. Спомен-куќата на Тоше Проески се простира на површина од околу 870 м² и има форма на крст. Претставува еден грандиозен и уникатен проект со специфична намена и уште поспецифична причина за изградба. Претставува еден споменик на човек кој беше, е, и ќе остане морален светилник и водич на сите луѓе.
Архитектите на ова грандиозно дело ќе нагласат дека, двете главни карактеристики кои го прават овој проект препознатлив; карактеристичен; различен; се двете специфични движења: полно и празно, светлина и темнина, цврсто и меко. Материјализација на објектот е направена со поделба на контурите на објектот во две силуети: затворен – голем и отворен – стакло. Објект кој освен својата непроценлива архитектонска вредност, многу повеќе од тоа е емоција, љубов, бессмртност, сеќавање на ликот и делото на овој млад човек, кој остави непроценливо музичко наследство, давајќи една нова димензија на љубовта.
Непосредно до Спомен-куќата на Тоше Проески, се наоѓа и Споменикот Илинден, попознат и како Македониум.
Споменикот е отворен на 2 август 1974 година на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-вата годишнина од Илинденското Востание. Споменикот Илинден е обележје и препознатлив симбол кој се поврзува со Крушево. Овој споменик ги означува непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
Од височините над Крушево, Македониумот доминира со својот споменичен ликовно-естетски комплекс, кој претставува хронологија на значајните настани и личности од периодот пред, за време и по Илинден.
Споменикот Илинден се протега на 12 хектари и формата започнува со раскинати пранги, продолжува преку криптата и колоритно-мозаичната керамопластична сцена и завршува со купола која се наоѓа на надморска височина од 1.320 м, од каде се протега извонреден поглед на сите четири страни: кон Крушево, Слива, Мечкин Камен и Пелагонија.
Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражите со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“ од Тома Прошев, кои го симболизираат стремежот за слобода на македонскиот народ. Денес во самата купола се наоѓаат гробот на Никола Карев и спомен-бистата на Тоше Проески.
Во непосредна близина на Гумење, на Голема Река, во 1976 година било изградено вештачкото Крушевското Езеро, вистинското место за уживање на крушевчани. Со надморска височина од 1.100 м, тоа е високопланинска микроакумулација. Браната на езерото е камено-бетонска со височина на круната од 12 м, а основната намена му била наводнување и рекреација. Денес езерото се користи за рекреативен и спортски риболов.
За љубителите на спортот и на природата овде е вистински рај. Падините на планината Бушева низ годините станаа вистинска атракција за љубителите на параглајдерството.
Со полетиштето на Мечкин Камен кое се наоѓа на надморска височина од 1.400 метри, пристапен и безбеден терен и точки за слетување во близина на патот, Крушево се смета за едно од најдобрите места за параглајдинг во светот. Крушево во 2019 година беше домаќин на Светското првенство во параглајдерство.
Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login