Фини Дестинации
РОВИЊ
By
Ровињ, градот распослан на западната страна на полуостровот Истра, разубавен со исклучителен архипелаг од 14 мали островчиња и 6 карпи, е познат како еден од најсликовитите и најромантичните градови на Медитеранот. Духот на некое минато време, кое ќе го почувствувате додека шетате низ тесните улички на стариот град кој бил изграден на островот, а дури во 18-иот век бил споен со копното.
Ровињ е една исклучителна амбиентална целина која останала рамнодушна на глобалната потреба од задолжителна употреба на модерни елементи. Како едно од подобрите места во туристичката понуда на Хрватска, последните неколку години бележи рекордни три милиони ноќевања во текот на една сезона.
Ги запрашавме оние кои редовно се враќаат во Ровињ: – Која е причината?
Велат: „Не освои со својата убавина; со пријатната медитеранска клима; со морето; со храната; со истарската малвазија (традиционално бело вино); и сладоледот (ќе довикне некој); љубезноста на локалното население; а само да ги видите зајдисонцата…”
Овој град на исклучително интересен начин ги спојува традицијата на мало рибарско место со модерните туристички трендови, богатата гастро-енолошка понуда како и високото ниво на услугите кои ги нуди.
Ровињ поседува плажи кои се типични за северниот дел на Јадранскиот брег. Се протегаат во должина на крајбрежјето од 67 км, најчесто камени ‘ртови или мали заливи послани со ситни каменчиња. Љубителите на песочни плажи за миг можат да бидат и разочарани, но плажите кои ги нуди Ровињ се многу живописни и секоја е интересна сама за себе. Но како би излегле во пресрет дури и на најпребирливите, управата на градот Ровињ последните неколку години уреди значителен број на плажи со тоа што камењата ги покри со ситни каменчиња и ги направи попристапни за сите. Дел од нив се наоѓаат во заливите Куви и Лоне, како и градската плажа – Мулен Руж, која е уредена во 2014 година и е една од најпосетените плажи, а нуди и дополнителни услуги како што се кафе барови, тушеви, гардероби и сл. За оние пак кои сакаат да истражуваат можат да ги посетат плажите во заливот Цистерна и заливот Бачвице кои се едни од најубавите на јужниот брег на Ровињ.
Парк-шумата Златни ‘Рт, која се наоѓа во јужниот дел на градот, е една од најголемите природни атракции во Ровињ. Датира уште од крајот на 19-иот век кога Georg Hütterott купил четири острови од ровињскиот архипелаг и започнал со уредување на 90 хектари од подрачјето каде што сега се наоѓа парк-шумата со цел таму да изгради климатско лекувалиште. За жал, неговата прерана смрт го спречила овој негов амбициозен проект, но идејата останала до ден денес. Всушност, според сите податоци, тоа е периодот кога се бележат зачетоците на туризмот во овие краеви. Несомнено, уникатноста на овој парк го потврдува и прогласувањето за заштитена парк-шума уште во далечната 1961 година. Парк-шумата која плени со својата убавина е идеална за долги прошетки, велосипедизам, разни спортски активности, па дури и за капење. До влезот во овој парк се стигнува поминувајќи преку градската плажа Мулен Руж и заливот Лоне.
Шармот на Ровињ е сплет од културата и историјата, со многу мали и симпатични ресторани, на секој еден агол совршени мали уметнички галерии, како и места каде што се нудат рачно изработени предмети за сечиј вкус, создадени според вкусот на секој еден посетител. Си дозволивме да кажеме дека Ровињ е еден апсолутно романтичен град. Совршено место за сите сетила кој во себе го носи духот на некои дамнешни времиња.
Доколку сте го посетиле Ровињ барем еднаш, сигурно знаете што се случува кога денот го отстапува местото на ноќта. Зајдисонцата во Ровињ се најубавите, велат оние кои уживале во нив, без разлика дали биле сместени на брегот или на некое бродче кое крстари нудејќи им на туристите несекојдневно искуство.
Доколку сепак сакате во сите нијанси на портокалово да уживате од вода, имате можност да испловите со бродче од Стариот град, со турата која нуди спектакуларно зајдисонце и средба со делфините позната како “Sunset Dolphin Tour” и која чини само 100 куни (околу 14€), во времетраење од час до час и половина во зависност од тоа кога ќе се појават делфините.
Уживајте во зајдисонцата кои специјално за Fino.mk ги фотографираше Жарко Димоски.
Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login