Connect with us

Фини Дестинации

Топ 10 места и факти кои треба да ги знаете за МАУРИЦИУС

Кога ќе го слушнеме зборот Маурициус првата асоцијација е песочни плажи, палми, тиркизни лагуни. Меѓутоа, сликите никогаш не се доволни да го опишат ова мало парче рај.

Популарна дестинација за меден месец, Маурициус се издвои како ексклузивна дестинација која нуди врвна услуга во своите бројни луксузни хотели, ексклузивни вили и бунгалови. Плажите не се единственото со кое се гордее оваа дестинација. Доколку сакате подетално да го истражите островот, ќе откриете убавини кои го одземаат здивот, историски знаменитости, бујни шуми. Изнајмете автомобил и истражувајте со свое темпо. Ние ви ги презентираме местата кои не би требало да ги пропуштите.

1.LE MORNE

Le Mourne Brabant се наоѓа на југот на островот кој е речиси ненаселен, опкружен со хотели. Таму ќе имате можност да ја видите планината Le Mourne, која е на листата на светско наследство, врв кој ја памети историјата на Маурициус. Планината некогаш била скривалиште за избеганите робови. Ова место е полно со многу видиковци кои гледаат кон западната и јужна страна на островот.

2. BLACK RIVER GORGES NATIONAL PARK

Националниот парк се простира на преку 6.574 хектари неверојатно автохтона шума полна со диви животни. Покрива 3,5% од површината на островот и има повеќе екосистеми. Оваа густа шума е дом на преку 300 видови цвеќиња, една од најретките птици на светот, розев гулаб, кој е ендемски вид од Маурициус и речиси изумрен. Паркот нуди долги рути за пешачење за љубителите на природата. Black River Gorges е идеално место каде можете да се препуштите на панорамските пејзажи, клисури, ридови и водопади.

3. CHAMAREL

Chamarel е мало село сместено во околината Савана. Атрактивно е затоа што на само 100м оддалеченост се наоѓа највисокиот водопад на Маурициус, како и земја во 7 бои. Искачете се по скалите и уживајте во импресивниот поглед од водопадот Charamel. Земјата од 7 бои сочинета е од песочни дини во различни бои. Нијанси на црвена, браон и виолетова кои ќе ве импресионираат. Овој феномен настанал со ладење на вулканските карпи на различни температури.

4. LA VINILLE CROCODILE PARK

Главна атракција се секако крокодилите, но ќе видите и други животни како големи желки, мајмуни и голема колекција на инсекти. Додека шетате низ џунглата гледајќи ја флората и фауната, ќе научите за загрозените ендемски видови на Маурициус. Неговиот инсектариум има една од најголемите приватни колекции на пеперутки, но и на други инсекти. Овие неверојатни суштества ќе бидат гозба за вашите очи.

5. PAMPLEMOUSSES BOTANICAL GARDEN

Покрива 60 декари земја, а се карактеризира со голем број на различни видови палми. Ботаничката градина е единствена со огромни езера со лилјани кои се дом на жаби, лилјаци кои висат од гранките, езера со големи желки и риби, но и со познати видови на палми кои се насадени од страна на познатите личности како Нелсон Мендела и Индира Ганди.

6. CHÂTEAU DE LAMBOUDONNAIS

Овој извонреден имот Château de Labourdonnais ќе ви помогне да го видите животот на Маурициус во 19-тиот век. Вилата, изградена во далечната 1859 година е реновирана и на гостите им обезбедува единствено искуство. Прошетајте се низ нејзината градина и пробајте го локалниот рум кој се произведува во Rhumerie des Mascareignes. Можете да пробате и маурицијска кујна која без сомневање ќе им овозможи задоволство на вашите сетила.

7. ILE AUX CERFS

Големиот остров покрај Маурициус се наоѓа на источниот брег, а украсен е со долги песочни плажи, палми и океан во сите нијанси на сино, како изгубен остров со скапоцености. Совршено место за одмор каде можете да уживате во скара или парасејлинг со величествен поглед на Маурициус и неговата исконска убавина. Љубителите на голф може да уживаат во голф терените Bernard Langer.

8. GRIS GRIS BEACH LA ROCHE QUO PLEURE

Ова место е феноменално, исклучително за опуштање и инспирација. Неверојатно големите бранови суптилно удираат во вулканските карпи кои оживуваат со секој нов налет на океанот. Единствено искуство, тешко за објаснување, кое треба да се доживее.

9. GRAND BASSIN SACRED LAKE

Grand Bassin е изгасен вулкан во кој е сместено езеро на надморска височина од 530м. Локалците веруваат дека е исполнето со света вода од реката Ганг во Индија. Тоа е најсветото и највлијателно Хинду место на Маурициус. Езерото е украсено со голема статуа на Шива, висока 30м и храм кој е посветен на Шива.

10. CHAMP DE MARS RACECOURSE

Доколку сакате коњски трки, тогаш задолжително треба да го посетите ова место. Средете го својот autfit и резервирајте си сабота на хиподромот  Champ de-Mars, најстариот на цела јужна хемисфера и втор најстар во светот. Уживајте во канапеи и пијалоци, во возбудливата атмосфера, а доколку имате знаење и среќа можеби ќе освоите и џекпот.

Основни информации

ЛОКАЦИЈА  – Маурициус се наоѓа во Африка во Индискиот Океан, околу 800 км источно од Мадагаскар и 200 км источно од островот Reunion.

ГЕОГРАФИЈА – Со вкупна површина на копно од 2.000 km2. Покрај главниот остров, Маурициус ги вклучува и островите  Rodrigez, Agalega и уште педесетина помали острови и атоли.

ГЛАВЕН ГРАД  –  Port Louis, сместен на северозападниот брег.

НАСЕЛЕНИЕ – На Маурициус живеат околу 1,3 милиони жители. Нема домородно население затоа што островот започнал да се населува по колонизацијата. Денес има најмногу жители од индијско потекло, околу 60%, европско, кинеско и африканско.

ЈАЗИК – Службени јазици на Маурициус се француски и англиски, иако англиски зборува само 1% од жителите. Најраширен јазик е креолски, кој го говори речиси 87%  од населението. Втор јазик по користење е француски.

РЕЛИГИЈА – Најпопуларна религија е хинду која ја практикува околу 48% од населението, римокатолици се околу 26%, додека исламската религија е застапена кај околу 17% од населението. Вероисповедта е слободна и во секое место може да се видат хинду храмови, џамии или цркви.

ВАЛУТА – Официјална валута е Маурициус рупи. За едно евро се добива околу 39 рупи. Парите можете да ги смените на аеродром или во било која менувачница. Понизок курс ќе добиете во хотелот.

КЛИМА – Маурициус има блага тропска клима со две годишни времиња. Влажната сезона трае од ноември до април и тогаш е најтоплиот период во годината. Сувата сезона трае од јуни до септември и релативно е посвежа. Октомври и мај се преодни месеци, нешто како пролет и есен.

КОГА ДА СЕ ПАТУВА – Маурициус е дестинација на која се патува во текот на целата година.

ПЛАЖИ – На Маурициус сите плажи се јавни и локалното население ужива во престојот на океанот со своите семејства и пријатели. Не треба да бидете изненадени доколку пред вашиот ресорт видите група на насмеани и опуштени жители како уживаат во попладневното сонце.

ВИЗА – За Маурициус не е потребно да се аплицира за виза однапред. Во авионот се пополнуваат апликации со лични податоци и на аеродромот се предаваат на имиграционо. Печатот во пасошот е всушност влезна туристичка виза и услов е пасошот да важи повеќе од 6 месеци од датумот на излегување од земјата.

ЗДРАВЈЕ – За влез во земјата не се потребни посебни вакцини, а на островот не е забележана маларија.

БЕЗБЕДНОСТ – Маурициус е безбедна земја.

За да ги планирате трошоците за престојот на Маурицис, во прилог Ви даваме примери цени: изнајмување на велосипед  од 10€ на ден, изнајмување на автомобил од 35€ на ден, гориво од 1,3€ литар, карта за градски превоз 1€, такси старт од 5€, (за цената за такси преговарајте однапред), оброк во буџет ресторан од 7€, кафе од 2€, капучино од 3€, шише вода околу 1€, сок околу 2€, пиво од 3€, шише вино во маркет од 8€, шише вино во ресторан од 30€

Добро е да се знае:

  • На Маурициус се вози на лева страна.
  • Заради бројните корални гребени во близина на брегот препорачуваме сандали за капење.

Continue Reading
You may also like...
Click to comment

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

More in Фини Дестинации

Advertisement
Advertisement Fino.mk
To Top