Пишува: Fino.mk
Скопскиот БЕЗИСТЕН, прекрасна градба со долговековна историја.
Се наоѓа во внатрешноста на старата скопска чаршија, веднаш над западниот влез на Сули Aн. Безистенот е првиот и најзначајниот трговски објект во Скопје во првите векови на турското владеење и зачеток на скопската ориентална чаршија. Изграден е во 15-тиот век, во времето кога Исак Бег бил владетел на Скопје.
Фото – Fino.mk
Безистенот бил центар на трговскиот живот во градот, а околу него се формирала чаршијата. Тоа било место каде што во прво време се продавале производи од платно, поради што и го добил името, бидејќи самиот збор “безистен” е кованица од арапското “bezz” што занчи “платно” и персиското “(i)stan”, што значи “продажно место”. Подоцна во безистенот почнале да се продаваат и други стоки, но името му останало.
Фото – Fino.mk
Евлија Челебија ќе запише: “Постои еден безистен кој е толку убав што јазиците и перата се немоќни да го опишат. Тој е како силна тврдина со железни капии на двата влеза, а изграден е на куполи. Трговците кои со увозна стока делуваат во тој безистен, на своите посетители им палат темјан и ги посипуваат со масло од трендафил. Тука човечкиот ум го опива уште и мирисот на мошус, рубаба, амбра, ќамфор и зумбул”.
Фото – Fino.mk
Како резултат на пожарот во 1689 година, Безистенот бил целосно уништен. Бил обновен дури во периодот од 1899 до 1900 година. Меѓу неговите новоградители се споменуваат имињата на Хаџи Хусеин, Осман и Јашар Бег. Оттогаш па сѐ до денес, ја зачувал својата форма.
Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login