Фини Дестинации
САНТАНИ – Местото со оригинален балеарски шарм
By
Пишува: Fino.mk
Сантани (Santanyi) е убаво, мало и автентично место преполно со Мајоркански дух. Сместено на југоисточниот дел од островот Палма де Мајорка во Шпанија, до ден-денес го задржал својот оригинален балеарски шарм.
Ние го посетивме токму деновиве, во април, и иако на почеток на сезоната, ни остави впечаток дека е сосема влезено во ритамот на летото.
Ви го претставуваме ова интересно место и секако ве информираме за некои од цените доколу одлучите да го посетите ова лето.
Шетајќи низ прекрасните камени улички, се добива впечаток дека опкружувањето, сјајот и енергијата која ја нуди Сантани се посебно создадени за оние покреативните луѓе, со години привлекувајќи многу уметници од сите краеви на светот.
На секој агол ве обзема чувство дека уметноста игра централна улога во ова мало место, затоа што ќе сретнете многу галерии и работилници во тесните романтични улички на овој тивок селски град.
Во Сантани можете да најдете уметничка галерија или студио на речиси секој агол. Оние кои бараат уникатни украсни предмети, сигурно ќе најдат нешто во малите продавници за ракотворби.
Стариот град Сантани сè уште е делумно ограден со остатоците од средновековниот градски ѕид. Градската порта – Порта Мурада со својата кула од 16-тиот век сведочи за оваа ера. Централното место за состаноци на локалното население и совршена почетна точка за прошетка низ градот е Plaça Major каде што фасадите од песочник на трикатните камени куќи го обиколуваат плоштадот.
На приземјето на зградите има кафулиња и ресторани, а секако во лето животот се одвива надвор под чадори за сонце. Долго извлечените, маслинесто-зелени ролетни остануваат главно затворени за да ја задржат топлината надвор од дневните соби.
Посетителите можат да уживаат во гледањето на секојдневната рутина пиејќи кафе со млеко или чаша вино на една од многуте тераси на плоштадот.
Ние ѕирнавме во ценовникот за ова лето на едно убаво кафуле и еве ги цените кои ни привлекоа внимание:
– Кафе од 1.10 до 2.00 €;
– Капучино = 3.00 €;
– Лате Макијато = 3.00 €;
– Вода – 2,80 €;
– Свежо цеден сок од овошје = од 2.00 до 3.00 €;
– Аперол = 6.00 €;
– Мохито = 6.00 €;
– Сангрија од 8.00 до 11.00 €;
– Кроасан од 2.70 до 3.90 €;
– Сендвич – 4.00 €;
Иако значителен дел од населението од 3000 жители на Сантани се доселиле, давајќи му на градот интересен интернационален амбиент, локалните жители многу добро се познаваат и сакаат да застанат на разговор со своите соседи.
Германците во потрага по добриот живот одамна го откриле Сантани, а областа е многу популарна особено во времето околу празниците и е дом на многу германски државјани.
Јужното сонце, близината на Палма и привлечното рурално опкружување се комбинираат за да го направат Сантани многу пожелно место за живеење.
Плажите на Сантани се распослани на 4 км од центарот на градот. Природата го почестила ова место со повеќе од 48 км прекрасно крајбрежје, веднаш до вториот по големина природен парк на Балеарските острови.
Мирната атмосфера која ја нуди ова место, зачинете ја со прекрасните гастрономски локации и ќе имате совршен престој вреден за паметење.

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login