Фини Дестинации
ЛИСАБОН, еден од најстарите градови во светот
By
Секој од нас си има своја дестинација од соништата. Некогаш имаме илјада причини за да посетиме некое место, замислени, или нешта за кои сме прочитале па ја поттикнале нашата љубопитност. Некогаш едноставно тргнуваме кон непознатото без големи очекувања, но секако со надеж дека тоа патување ќе биде патување од соништата.
Секако дека не сакаме да ви наметнеме дестинација која би требало да ја посетите ова лето, но можеме да ви наброиме неколку интересни причини поради кои би требало да го посетите прекрасниот Лисабон.
Лисабон е еден од најстарите градови во светот и тоа повеќе стотини години пред Лондон, Рим и Париз. Во големиот земјотрес кој го погоди во 1755 година, поголем дел од градот бил речиси уништен, но сепак успешно обновен во првобитната состојба и повторно оживеан.
Сместен на западниот брег на Европа, Лисабон е најсончевиот главен град на континентот, кој во просек може да изброи 2.799 сончеви часови во текот на годината, со што Атина која има 2.771 сончеви часови годишно, останува зад него.
Лисабон поседува страст за откривање. Тој е почетното место за многу истражувачки патувања низ светот, како што е и експидицијата на Васко Де Гама во Индија во далечната 1497 година. Токму по него е именуван и мостот кој со својата грандиозност и големина остава без здив. Неговата градба е завршена во 1998 година од минатиот век, а со своите 17 км должина се вoди како најдолг мост во Европа.
Романтичните шарени трамваи. Градот сé уште ги поддржува вековните дрвени трамваи кои се искачуваат и се симнуваат низ тесните улички. Глетката предизвикува радост кај минувачите особено кај туристите, додека металните шини по кои се движат и кои испреплетени на еден необичен начин го пресекуваат совршениот ред на калдрмираните улички му даваат несекојдневен носталгичен дух на градот.
Градот на седум височинки. Тоа што Лисабон исто како и Рим е изграден на седум брда, значи дека речиси секоја улица која завршува на некоја од височинките околу градот нуди прекрасен поглед на градот кој се спушта кон реката Тагус. Таквиот поглед се простира и од замокот São Jorge, до кој се доаѓа преку нагорнината преку старите кривулести улички во најстариот дел на Лисабон.
Колоритните графити. Во некои моменти во текот на годините, графитите кои некогаш претставувале трн во очите на многумина од жителите прераснале во „гунгула” од градски мурали кои и понатаму ги инспирираат уличните уметнички тури. Доколку го сакате овој вид на уметност, најдобро е да ја посетите најстрмната улица во Лисабон Calçada da Glória, но примери на улична уметност можат да се воочат речиси на секој агол.
Културни атракции. Во Лисабон, главниот град на Португалија, не постои недостаток од културни атракции. Почнувајќи од засводените тавани на манастирот Еронимус, до чудесните урнатини на манастирот Кармо, кој се граничи со археолошкиот музеј. Вљубениците во архитектурата ќе уживаат во новиот Национален тренерски музеј, дизајниран од добитникот на Прицкеровата награда Паоло Мендес да Роха.
А плажа? Ако сте еден од оние кои не можат да си го замислат патувањето без да посетат некоја плажа, не грижете се, на само 30 минути од центарот на градот, постојат областите Гуинчо, Адрага и Гранде кои се распространуваат по крајбрежјето кон Атланскиот Океан.
Слатко задоволство. Доколку го посетите Лисабон, не смеете да си дозволите да не ги пробате Custard tarts – надалеку познатите крем пити од Лисабон, и тоа токму во Pasteis de Belém, каде редиците за да се купи ова слатко задоволство се протегаат по должината на целиот тротоар пред слаткарницата. Жителите велат дека само четири лица го знаат рецептот за овие деликатесни пити, но затоа што се чува во строга тајност истиот никогаш не бил запишан.
Префинет вкус на виното. Португалскиот национален пијалак, порто, можете да го најдете на секој агол во градот. Ако не сте некој од оние врвни љубители или дегустатори на вино, подеднакво забавно е да се приклучите кон една од многуте вински тури како би ги разгледале винските подруми богати со разноврсно вино, ѕидови полни со шишиња, залихи стари и по повеќе од 100 години, по цена од дури 1.000 евра по шише.
Неповторливиот звук на фадо. Нема да останете рамнодушни на вкусот на виното, верувајте, особено доколку од некој од локалните барови низ малите улички во Лисабон ги слушнете прекрасните звуци на „фадо” – забавна музика автентична за Португалија. Фадо всушност претставува соло изведба на тажни песни во комбинација со класична португалска гитара. Зборот „фадо” во превод значи „судбина”, но моќниот музички стил посоодветно би се опишал како носталгија или копнеж. Ниту една посета на Лисабон не е потполна без искуството со овој традиционален и емоционален стил на музика и чаша фино вино.

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login