Фини Дестинации
Одберете го SOMABAY на Црвеното Море во Египет за ова лето
By
Пишува: Фино.мк
SOMABAY или заливот Сома е местото каде крајбрежјето на Црвеното Море го пресретнува модерниот раскош на еден многу шармантен начин, во земјата со уникатна култура и мистична историја. Не можете да останете рамнодушни на дестинација која ја надминува тенката линија помеѓу еуфоријата и спокојството. И доколку сте одлучиле вашиот годишен одмор да го поминете надвор од комфорната зона, сигурни сме дека ова е вистинскиот избор за вас.
Заливот Сома е лоциран на источниот брег на Црвеното Море во Египет. На само дваесетина минути возење од меѓународниот аеродром во Хургада, или по само 3-4 часовен лет од поголем број од градовите од Централна Европа. Заливот се протега на површина од 10 квадратни километри и од три страни го заплискува Црвеното Море.
Паралелно со плажата се протега атрактивното шеталиште во должина од 4 км, сé до пристаништето и нуркачкиот центар. Покрај тоа што можете да го користите локалниот превоз, секако можете да изнајмите и велосипед и да го истражите овој дел од заливот, полесно пробивајќи се низ метежот кој го создаваат туристите дојдени од сите страни на светот.
Пристаништето е убаво но многу мало, со речиси едвај неколку мали бродчиња кои ги чекаат оние најљубопитните туристи. Тука се нудат тури со бродчиња со вклучен скипер кој ќе ве прошета долж целиот брег.
Но секако доколку не сте љубител на пловењето, можете да се заборавите во многуте продавници полни со сувенири, прекрасни изработки од сребро, накит, предмети изработени од вредните раце на традиционалните мајстори, чанти и обувки од кожа од камила и што уште не.
Доколку почувствувате глад, на шеталиштето на располагање имате многу интересни ресторани со локална или со интернационална кујна, каде што секој може да си пронајде гастрономско уживање по свој вкус.
Што уште можете да правите кога сте во SOMABAY?
Да уживате јавајќи коњи или камили на зајдисонце по должина на песочните плажи или на еднодневните пустински екскурзии. Ова е чувство кое не се прераскажува.
Можете да поминете време во центарот за нуркање, без разлика дали сте почетник или напреден нуркач. Искуството секако ќе е неповторливо, нуркајќи низ разновидни ѕидови, урнатини, корални градини и фрлања што одговараат за сите нивоа на нуркачи.
Доколку сте љубител на голф, на SOMABAY постои терен за голф со 18 дупки, дизајниран од јужноафриканската голф легенда Gary Player.
И не заборавајте дека одморот не би бил комплетен без малку SPA и релаксација со терапија базирана на Thalasso-Tonic морската вода од Црвеното Море.
Неколку корисни информации за SOMABAY
Најдоброто време за да се посети заливот Сома е во зимските месеци од септември до април, кога температурата е околу 21 степен, во летните месеци температурата достигнува и до 44 – 45 степени.
Во SOMABAY можете да стигнете преку меѓународниот аеродром во Хургада, а летови има од речиси сите европски градови, особено во летниот период.
Доколку сте гурман ви ги препорачуваме следните ресторани:
Baladina нуди автентични египетски јадења.
Sobar е совршен избор за ручек или место за тапаси и коктели кои можете да ги консумирате под ѕвезденото небо на ресторанот на покривот.
Thomas Maison е местото со превкусна пица, неодолив чипс и најдобрата домашна лимонада и чизкејк кои уште долго потоа ќе ги прераскажувате.
Seashell е местото со сензационални јадења од морска храна кои се служат на отворено на плажата Cascades Beach.

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login