Фини Дестинации
Живописниот водопад на браната Градче
By
Пишува: Fino.mk
Секогаш кога ќе помислиме дека сме ги посетиле сите места во земјата во која живееме, ќе се појави некое ново кое ќе ни го одземе здивот. За едно такво ќе ви раскажеме денес.
Нашата прошетка започна токму во подножјето на Осоговските Планини, на само неколку километри од градот Кочани. До тука се стига по убав, асфалтиран, но не многу широк пат, така што треба да бидете многу внимателни во разминувањето со другите автомобили.
Имајте предвид дека и за паркирање се користи дел од патот, така што на критичните делови тој дополнително се стеснува, но сепак тоа не им пречи на посетителите да го посетуваат ова место. За волја на вистината сретнавме многу ентузијасти кои пеш тргнале до дестинацијата, со по некој ранец и добро друштво и секако добро осмислен план како да го поминат целиот ден во природа.
Дали дека е пролет, си помисливме дека многу добро сме го погодиле времето, или можеби пределот е таков, но природата ги беше распослала сите нијанси на зелена боја врз себе. Не, не само 50… таму имаше многу повеќе од 50 нијанси на зелена боја, за што можете да се уверите од фотографиите.
На 6-тиот километар од Кочани на патот кон водопадите се наоѓа вештачкото езеро Градче, во едно прекрасно, живописно окружување, со по некој рибар кој молчеливо си го чека својот улов и се релаксира гледајќи во мирната површина на водата.
Тука е многу тивко, воздухот е совршено чист, температурата за некој степен пониска од онаа во граадот, а глетката неверојатна. Одмор за очите и за душата.
Она што го знаевме беше дека на територијата на сегашното вештачко езеро пред околу педесетина години се наоѓало селото Долно Градче. Тогашните власти со цел да го заштитат градот Кочани од поплавите и надојдените води од топењето на снегот од Осоговските Планини, решиле да изградат брана. Браната ја изградиле на локалитетот Рамна Карпа кој се наоѓал веднаш под селото. За таа цел сите жители од селото биле принудени да се раселат во околните села, а некои дури и во градот Кочани.
Седнавме во блискиот ресторан да се напиеме кафе, на терасата која беше токму над нивото на водата од езерото и слушнавме нешто што не го знаевме, можеби повеќе приказна која се пренесува од колено на колено.
Години наназад многу луѓе го изгубиле својот живот скокајќи да пливаат во браната. Некои се обидувале да ја препливаат, но некаде кон средината силните струи ги повлекувале надолу и никогаш повеќе не можеле да ги пронајдат. Постои и случка кога ќерката разочарана од животот скокнала од браната и си го одзела животот, а нејзината мајка скршена од болка по своето чедо скокнала по неа и таа го изгубила животот. Мештаните ќе речат дека не се знае точниот број на жртви кои ги проголтало ова езеро, но сите веруваат во преданието дека езерото ќе земе онолку луѓе колку што биле иселени од селото Долно Градче тогаш кога била направена браната и кога тие биле присилно исселени од своите домови. Затоа што под браната, точно под неа, сè уште постојат куќите.
Продолживме понатаму, целта ни беше прекрасниот голем водопад, за кој знаевме дека е вештачки создаден, но сепак сакавме да видиме како се вклопил во природата.
До водопадот не се стигнува со кола. Од асфалтираниот пат кој води до таму, треба со пешачење да се симнете во длабочината на шумата на некои 400 метри во еден правец, по не многу рамна патека. Но убавината која ја нуди природата во тој дел, мирисот на свежата трева, на билките, пеењето на птиците, жуборењето на водата, нема да ви дозволат да почувствувате тешкотија во ниту една етапа од патот.
Неговото создавање велат било невообичаено. Кога била изградена помошната брана, од надојдените гранки, камења и земја, браната почнала да се полни со почва и со текот на годините се создал дваесетметарски водопад од Големата Река, преку кој водата од реката се слевала во вештачкото езеро.
Околу водопадот има неколку летниковци, клупи, маси и бетонски скари, многу соодветно за еднодневен пикник со фамилијата и пријателите. Околината е чиста и средена со многу канти за отпадоци.
Веројатно овие водопади стануваат сè поатрактивно место за прошетка, имајќи го предвид фактот дека на патот до таму пресретнавме многу странски туристи кои трпеливо го чекаа својот ред за да се фотографираатв покрај водопадот.
Photo credits: @Fino.mk

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login