Фини Дестинации
ДУБРОВНИК, античкиот град со модерен шмек
Пишува: Fino.mk
Многу пати до сега се пишувало за Дубровник, но ако посетата на Дубровник значи посета на еден од најпрекрасните европски градови, град во ѕидови, град со кривулести улици поплочени со мермер и преполни со историја, тогаш со право треба да му се посветуваат сите зборови за да се опише неговата убавина.
Сместен на јужниот брег на Хрватска, Дубровник можеби е претопен во историјата, но тој е исто така и многу модерен град. Цврстите ѕидови, средновековните куќи, античките палати и историските цркви се пресретнуваат со многу модерни продавници, стилски барови, луксузни хотели и преполни ресторани. А плажите и островите во Јадранското Море, се на дофат на вашиот поглед.

Фото IG @sisak13
Дубровник, многу стар град, основан во 7-миот век пред нашата ера, со италијанското име Рагуза, најубаво е опишан во делата на Марин Држиќ. И покрај тоа што поновите генерации ќе го паметат по серијата Game of Thrones или како сценографија за последниот филм од едицијата Star Wars, приказната за Дубровник раскажувана со векови, успева да ги фрли во сенка дури и овие извикани холивудски остварувања.

Фото IG @sisak13
Во 14-тиот век била основана Дубровничката Република и тогаш Дубровник го доживува својот најголем развој во трговијата, морепловството, но и во книжевноста. Во тоа време Дубровник бил главен центар на овој дел на светот веднаш по Анкона и Венеција.
Во 19-тиот век англискиот поет Лорд Бајрам ќе го нарече „бисер на Јадранот”, а многу потоа ќе го споредуваат со рај на земјата, најубавиот, најромантичниот и најмоќниот но и најскапиот град на Јадранот. Во 1979-тата година градот е ставен на листата на светското културно наследство под заштита на UNESCO.

Фото IG @sisak13
Го посетувале и сè уште го посетуваат многу познати личности, и тоа го прави да биде во топ 10 посакувани дестинации во светски рамки. Но Дубровник сам по себе има многу што да понуди: вистински гламур, воодушевувачка ренесансно-барокна архитектура, екстравагантност во секој дел од крајбрежјето и секако многу, многу богата историја.

Фото IG @sisak13
Доколку тргнете да прошетате долж по ѕидините по патеката долга околу 2 км, по пат можете да се напиете чаша-две пошип, некое убаво кафе и можете да слушнете една од многуте легенди кои се кријат помеѓу ѕидовите на овој прекрасен град.

Фото IG @sisak13
Една од нив е легендата за љубовта на Силвијо и Дубравка, или како тие ја нарекуваат Легендата за Пустјерна. Легендата се случува во време кога двата дела од градот почнале да се спојуваат – оној со римско население од морската страна – Лаус и оној со словенско население од копнената страна наречен Дубрава. Но трагичната љубов на двајцата вљубени никого не остава рамнодушен. Бидејќи потекнувале од различни делови на градот, нивната љубов не била прифатена од страна на родителите, па него го испратиле да биде морнар на брод, додека нејзиниот татко ја дал во манастирот Пунцјела, но привремено, затоа што имал намера да ја омажи избирајќи го сам нејзиниот сопруг. Кога на Дубравко му стигнала веста за свадбата на неговата сакана, тој тајно се вратил во градот, носејќи убав бисер за неа.
Бидејќи не можел да ја види, нашол старица која питачела и која слободно се шетала и во едниот и во другиот дел на градот. Многу пред тоа, нејзиниот единствен син бил убиен во борба од Римјаните, која сите одамна ја заборавиле. Сепак, не и таа. Кога Дубравко го дал бисерот и ја замолил да го предаде на Силвија, старицата решила да им се одмазди на Римјаните така што бисерот го завиткала во заразена марама и тајно го дала на Силвија. Силвија набргу добила треска, а потоа развила болест која ја усмртила. Младата Силвија починала од рацете на нејзиниот Дубравко, кој нејзиното тело го положил во гроб во близина на црквата Св. Петар за морето да и пее вечна песна на љубовта.
Бисерот не бил трагичен само за Силвија, туку и за нејзините родители и голем дел од жителите на тој дел од градот, така што градот се опустошил, поради што го нарекле Пустијерна. Сепак, бисерот направил и нешто добро бидејќи од тогаш исчезнала нетрпеливоста помеѓу жителите на новиот град и тие почнале да се дружат меѓу себе. Подоцна Дубравко се оженил со сестрата на несудениот сопруг на Силвија, Римјанката Агнезија.

Фото IG @sisak13
Новото време на Дубровник му носи масовен туризам против кој велат градот се бори со сите сили. Високите цени на сместувачките капацитети како и на гастрономските уживања, не ги спречуваат туристите од сите страни на светот да го посетат овој град. Остануваат пократко, велат одговорните, но сепак сме многу посетени… Едноставно е, дубровчани умеат добро да ја продадат својата приказна.
Што да посетите задолжително
Градските ѕидини и тврдините
Еден од најдобро зачуваните фортификациски системи во Европа, кој се протега во должина од 1.940 метри и вклучува 5 тврдини и 16 кули и бастиони. Овој музеј на отворено може да се посети во текот на целата година, преку три достапни влезови: кај црквата Св. Лука на исток, во близина на црквата Св. Спас веднаш по влегувањето во стариот дел од Пила и кај Поморскиот музеј – тврдината Св. Иван.
Фото IG @sisak13
Страдун
Многу познатата улица и омиленото шеталиште и собиралиште во Дубровник, место на градските случувања и „фешти”, таканаречената трговска артерија на стариот град, која датира од 11-тиот век. Името Страдун е од венецијанско потекло и значи голема улица, место каде што се случуваат најважните настани.
Фото IG @sisak13
Најстарата аптека во Европа
Аптеката Мали Браќа сместена во Фрањевскиот манастир е една од најстарите во Европа. Нејзините почетоци датираат од далечната 1317 година од кога постои и манастирот. Таа е воедно и најстарата аптека во Европа која е во функција и работи и ден денешен. Интересен факт е дека таа е единствената аптека во светот која нема прекин во работата цели 7 века.

Фото – Архива
Плажите околу Дубровник
Кога сте во Дубровник имате голем избор на плажи. Многу од нив се со камчиња, како што е плажата Бање, веднаш под ѕидините на стариот град. Оваа плажа има посебен дел за капење, многу барови и кафулиња покрај самата плажа, како и комплетна понуда на водени спортови. Тука во близина има и многу мали острови кои имаат прекрасни интимни песочни заливи.

Фото IG @sisak13
Неколку корисни информации
Како да стигнете во Дубровник:
- Со авион – преку аеродромот Дубровник кој се наоѓа во непосредна близина на градот;
- Со автобус – автобуската станица е сместена на Гружа, блиску до пристаништето, а обезбедува секојдневни меѓуградски и меѓународни линии со европските метрополи;
- Со брод – затоа што Дубровник е совршено добро поврзан со другите хрватски пристаништа, како и со италијанското пристаниште Бари.
- Со автомобил – имајте предвид дека доаѓањето со автомобил ќе предизвика дополнителни трошоци за паркинг околу стариот град кој не е воопшто евтин.
ФОТОГРАФИИТЕ СЕ АВТОРСКИ И НИ ГИ ИСПРАТИ АНТОНИЈА ШИШАК

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login