Фини Приказни
WINE BERRY – Една поинаква винска приказна
Пишува: Fino.mk
Рубриката ФИНИ ПРИКАЗНИ ја започнуваме со една навистина фина приказна, која од крајот на минатата година почна да се раскажува со големо задоволство, како помеѓу љубителите на доброто вино така и пошироко.

Фото – Fino.mk
„Прифатете го тоа што ви го нуди животот и обидете се да пиете од секоја чаша. Сите вина мора да се пробаат. Од некои само една голтка, од други цело шише“, вели Паоло Коелјо… И ова не е само мудра мисла, туку и реалност… Наша реалност. Приказна од срцето на Скопје, која може да стане реалност ако добро ги изострите сетилата и појдете кон ова љубовно место. Зашто виното е љубов, виното е магија, виното е нераскажана приказна… Ако се движите пеш кон Католичка, некаде пред поликлиниката Идадија (Млин Балкан) од десната страна ќе го видите местото во кое можете да ги пробате сите вина, и баш онака – од некои голтка од други цело шише… А кој најдобро ќе ја раскаже приказната за ова ептен „fancy“ место ако не неговата сопственичка и креаторка госпоѓата Јадранка Клариќ-Кимовска.

Фото – Fino.mk
Биоинженер-технолог, иако своите почетоци ги има во една од најдобрите маркетинг агенции Индиго, од каде, вели, ја црпела инспирацијата во својата кариера. Повеќе од 17 години е во винскиот сектор, и во тој период имала можност да работи во повеќе македонски винарии, а со тоа и можност за да стекне искуство, да посети различни вински региони ширум светот, различни можности за промоција и продажба на вино.
После толку години работа со извоз од неколку домашни винарии, решила да ја започне својата лична приказна. Приказна која ќе ја гради на свој начин. Ете токму така се случила и приказната за Wine Berry.

Фото – Fino.mk
– Wine Berry е мала продавница, бистро за вино, налик на оние кои ги имаме видено во западните земји. Ова што денес го гледате е моја инспирација и љубов.
Иако приказната на Wine Berry, започна буквално во пандемија кога всушност ништо не функционираше, за што колку и да постои храброст, постои и ризик.
– Ние сме навикнати на кризи, таква ни е и генерацијата, а и регионот. Но да, пандемијата беше секако нешто невидено, но со оглед на тоа што некако ѝ се наѕираше крајот, решив да преземам ризик, да, среде пандемија. Меѓутоа ризик преземаш секогаш и ризикот е присутен без разлика каква е ситуацијата, еднаш во животот мора да пресечеш и да кажеш: Ќе почнам нешто ново! Се покажа исправна одлуката, дека иако беше во пандемија, едноставно луѓето имале интерес и потреба за вакво место, така што многу сум задоволна што го започнав сето ова.
Концептот на Wine Berry
– Wine Berry е бистро продавница во којашто може да се добие понуда на интернационални и македонски вина. Под интернационални се подразбираат различни вински региони, почнувајќи од Франција, Италија, Шпанија, Аргентина, Чиле, Нов Зеланд, Австралија, Србија, Словенија…

Фото – Fino.mk
– Во Македонија е малку поспецифично да се увезе вино, затоа што се штити домашното производство, и тоа е во ред, но јас се нафатив да увезувам, затоа што знам дека со тоа се подига конкурентноста на домашниот производ. Од увезените вина имам повеќе од 60 етикети. Дел од нив се веќе увезени во Македонија, а за дел јас сум ексклузивен увозник. Во целата понуда имам над 400 етикети и сметам дека е добро што го направив тоа, затоа што гледам голем интерес кај купувачите за еден ваков концепт.

Фото – Fino.mk
– Кога зборуваме за македонски винарии, искуство присутно во целиот свет е дека треба да имаш многу добра конкуренција за да може домашниот производ да биде уште подобар. Во најголем дел работам со малите македонски винарии иако не се исклучени и поголемите. Им давам шанса на вината коишто не можат да се купат во големите маркети, за секогаш да можеме да пробаме нешто ново и нешто интересно.
– Концептот е многу интересен, можете да дојдете во продавницата, да пробате буквално од сите вина коишто имате желба да ги пробате, да ги пиете или да ги купите. Тоа е проба на голтка, а потоа купувачот сам одлучува кое е по неговиот вкус, каков е неговиот интерес, за што е расположен во моментот. Во продавницата можете да се напиете чаша од различни вина, односно во бистрото можете да пиете на шише, така што ова е една отворена винска приказна каде што можете да ги доживеете вкусовите и на интернационалните, а и на македонските вина кои не ви се достапни во широката продажна мрежа.

Фото – Fino.mk
Дали имаме винска култура?
– Па да не речам дека ја немаме, но со тек на време се гради и што најмногу ме радува особено кај младите луѓе. Тие најчесто знаат да дојдат на чаша вино без разлика дали се со друштво, дали како пар, но тоа е токму она што сме имале можност да излеземе надвор од државава, да прошетаме, да видиме како тоа таму функционира. Ова што јас го правам не е ништо ново, тоа е нешто што самиот град, самото место си го бара, да се пробаат многу различни вина. Има интерес и културата се гради. Треба време, причините се провлекуваат од минатото затоа што не сме вински образувани, винската култура не ни е баш на некое високо ниво, вклучувајќи ги проблемите во рестораните, недостатокот на едукација, проблемите со недостаток на сомелиери, луѓе кои би се занимавале само со тоа. А тоа, пак, е поврзано со економските проблеми, но со тек на време се надевам дека тие работи ќе се променат, па ќе стигнеме до некое ниво на кое се барем луѓето во нашето окружување.

Фото – Fino.mk
– Токму тоа е и уникатноста на мојата продавница. Со моето искуство можам да им помогнам при изборот на виното, купувачите сами можат да ги пробаат вината и да одлучат, затоа што сепак се работи за вкусови. Препорачувам добри вина, вина кои купувачот би сакал да ги пие во моментот, но одлуката е секогаш нивна.

Фото – Fino.mk
Една од ретките жени со титула – вински витез
– Како дел од македонските винарии имавме можност многу да патуваме и многу да работиме. Во последниве десетина години се случи една револуција на извоз на македонско флаширано вино за разлика од претходно кога во извозот преовладуваше наливното вино со околу 90 %. Со колегите и колешките од целата винска индустрија успеавме на некој начин да ја поместиме таа граница и сè повеќе да се продава и да се извезува флаширано вино од Македонија, без разлика од која винарија – бројката во целост почна да се зголемува. Едни од оние кои бевме носители на тие продажби, патувања, презентации низ целиот свет – Америка, Кина, Русија низ цела Европа; бевме неколку колешки коишто бевме одговорни за извоз и како признание за тоа што го направивме, на сите тие презентации и активности кои ги организиравме, на одвоеното време од дома, бевме поканети да бидеме вински витези. Јас и уште три колешки од винската индустрија пред три години станавме вински витези што е голема чест. Ние сме вински витези на австриското витештво и тоа е еден начин да си во семејство со луѓе коишто го промовираат виното, ја помагаат индустријата, ја промовираат винската култура и во самиот регион и во самата земја.
Препорака за вино во лето
– Летото си носи убаво просеко, убаво розе, лесно бело вино, некој вински коктел, така што тоа е препораката секогаш. Тука е и полесното црвено вино. Меѓутоа во периодот во кој повеќе треба да пиеме и да се дружиме, препораката е таа, сепак сè е до вкусот. Ги поканувам сите да повелат во Wine Berry, и лично да добијат одлична препорака на убави вина за периодот кој следува.

Notice: Undefined variable: user_ID in /home/finomk/public_html/wp-content/themes/click-mag/comments.php on line 48
You must be logged in to post a comment Login